Приближно 300 кубни метри, претежно кабаст и градежен отпад, подигнати се и транспортирани во текот на изминатите два дена, во рамки на акција на ЈП Комунална хигиена-Скопје за отстранување диви депонии.
Како што информираат од Јавното претпријатие, активностите се одвиваа во Општината Карпош – во населеното место Злокуќани, на повеќе локации во Општината Ѓорче Петров, како и во Општината Бутел – на улицата Радишанска и во непосредна близина на пазарчето.
Екипите на Претпријатието во текот на минатата ноќ интервенираа и на улицата „Максут Садик“ во близина на Амбасадата на САД, каде што континуирано непрописно се одлага отпад на јавни површини. На посочената локација е отстранета уште една обемна дива депонија, по што е спроведено машинско миење со автоцистерни, наведуваат од ЈП Комунална хигиена.