Во насока на објективно и вистинито информирање на јавноста, а во контекст на објавениот напис „Убиство во Тетово” објавен на порталот irl.mk, Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје го дава следното соопштение за јавноста:
-Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје најостро реагира на обидите на Истражувачката Репортерска Лабораторија Македонија (ИРЛ) да го нарушат неговиот кредибилитет со објавениот напис на својата веб-страница, a поврзан со трагичниот настан во модуларната ковид-болница во Тетово кој се случи на ден 8.9.2021 година.
Во написот се изведуваат апсолутно погрешни заклучоци и инсинуации поврзани со вештиот наод и мислење (ВНМ) изработен од ФЕИТ, а со кои неосновано и непринципиелно се нарушува достоинството и реномето на Факултетот, доведувајќи ја во прашање неговата стручност и интегритет, како и угледот на реномирани професори и експерти од областа електротехника кои беа вклучени во изработката на ВНМ по наредба на ОЈО – Тетово.
Факултетот и неговите вработени секогаш пристапувале објективно, одговорно и професионално кон реализацијата на своите дејности. Вештачењето направено по наредба од ОЈО – Тетово е стриктно насочено кон конкретни прашања поставени од Обвинителството, што јавноста може да го увиди од документацијата приложена на веб-страницата на ИРЛ.
Факултетот стои зад секој свој труд, истражување и вештачење и ги отфрла сите обиди за уривање на неговиот кредибилитет и интегритет, а особено преку изведување погрешни заклучоци, со поставување нестручни тези, приложување невистинити цитати и извлекување зборови надвор од контекст.
Како јавна високообразовна институција апелираме, ИРЛ во иднина да не го користи ФЕИТ во своите медиумски и други активности и да ја доведува во прашање неговата стручност и углед, без притоа да побара наше стручно мислење и толкување како повикана страна. Во спротивно, Факултетот ќе преземе активности за заштита на својот и академскиот и стручен углед на своите кадри.