Денес на Воениот стадион во Скопје по повод 31. роденден на Армијата на Република Северна Македонија се одржа централна прослава на која присуствуваа Претседателот на Републиката и Врховен командант Стево Пендаровски, Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот на Армијата генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски, министри во Владата, претставници на Собранието, високи гости од министерството за одбрана и Армијата, претставници од други државни институции, како и од воено дипломатскиот кор во нашата земја.
По повод 18. Август – Денот на Армијата делегации од министерството за одбрана и Армијата на градските гробишта Бутел положија венци со свежо цвеќе на Партизанските гробишта, и на вечните почивалишта на Претседателот Борис Трајковски, Претседателот Киро Глигоров и генералот Михаило Апостолски.
-Ви благодарам што сте денес тука заедно да им искажеме почит и благодарност на сите припадници на македонската армија и сите оние кои биле дел од нејзиното создавање, го почна своето обраќање министерката за одбрана Славјанка Петровска и продолжи:
-Создавањето на нашата армија, исто како и создавањето на сите големи работи, не беше процес кој помина лесно и едноставно, без пречки на патот. Но, како нација во сето наше постоење, научивме дека во животот не постојат пречки кои треба да не запрат туку предизвици кои треба да се надминат- предизвици кои можеме да ги надминеме само заедно, доколку се потпреме едни на други, како професионалци, како одговорни политичари, но пред се како луѓе.
Овој ден го одбележуваме во спомен и слава на првиот партизански баталјон „Мирче Ацев” кој точно пред осумдесет години на овој ден се конституираше на падините на Славеј планина, како одраз на вековниот стремеж на македонскиот народ за државност и самостојност. Баталјонот „Мирче Ацев” како прва формациска единица од ваков карактер беше првиот симбол и најава на македонската државност која потоа беше потврдена со првото заседание на АСНОМ.
На овој ден и историското наследство кое ни го оставија борците на првиот народноослободителен баталјон, се сеќаваме секој ден, посветено и неуморно работејќи на подобрување и унапредување на одбраната, условите за сите припадници на армијата и нивните семејства, живеејќи во време на исклучителни предизвици. Нивната борба е нашиот аманет, и нивната жртва не беше залудна.
Членството во НАТО е веројатно најголемото признание што може да им го дадеме на околу двесте припадници, борци кои го основаа баталјонот „Мирче Ацев”, но и на сите херои кои ги положија своите животи на браникот на слободата за време на втората светска војна во битката со фашизмот, заедно со многу партизани од цела Европа и сојузнички војски.
Покажавме дека сме достојни како нација, како држава и како армија, да чекориме рамо до рамо, во најсилниот политички сојуз на денешницата.
Покажавме дека нивните вредности ги живееме како свои и дека сме достојни наследници на нивната жртва и идеалите за кои се бореа, како што се слободата и солидарноста. Токму во име на тие идеали, во време на глобална криза, застанавме рамо до рамо со сите нации кои имаа од тоа потреба, бидејќи иако сме мала држава, ние сме луѓе со големи срца, и тоа го покажавме и во Турција, и во Словенија, помагајќи им на нашите пријателски народи да се справат со последиците од природни катастрофи. Застанавме и во поддршка на украинскиот народ, сеќавајќи се дека не толку одамна, и нашите предци беа приморани да ја напуштат комоцијата на секојдневното живеење и да застанат во одбрана на се што им е свето. И помагаме на Украина не затоа што мораме туку затоа што тоа е единствениот начин да бидеме на вистинската страна на историјата.
Од сите историски случувања на кои сме сведоци, има многу лекции кои треба да се извлечат, но најважната е дека мирот и слободата не смееме никогаш да ги земеме здраво за готово, туку мора да останеме подготвени и будни, со надеж дека никогаш нема да има потреба да ги одбраниме, но во секој момент да бидеме подготвени да ги одвратиме заканите по идеалите врз кои почива нашето општество и темелите на државата кои ни се оставени во наследство. Токму затоа, интензивно инвестираме во одбраната, во одбранбените ресурси, во капиталните ресурси, но и во Армијата, бидејќи вработените во одбраната и Армијата, пензионерите од Армијата и питомците кои се идни офицери на Армијата, се потпорната точка на сите лостови со кои секојдневно се поткрева стандардот и готовноста на нашата Армија. Им благодарам на сите нив, и на сите вас што сте денес тука бидејќи сите имате свој допринос за она што сме ние денес.
Дозволете да им честитам на сите унапредени, пофалени и наградени припадници на армијата особено на оние кои денес ќе бидат одликувани.
Почитувани припадници на македонската Армија, вработени во одбраната ќе ви се обратам и вам.
Секогаш кога зборувам за вас, зборувам со гордост и почит, за се што сте направиле и за се што правите за нашата држава за секој граѓанин на Македонија и за секој граѓанин на светот и тоа го правите храбро и одлучно, без двоумење и без калкулации за вашите животи и вашите позиции, на овој ден посакувам вашата храброст и одлучност да се прелее и кај сите нас кои имаме потреба и носиме одлуки и треба да носиме одлуки во име на граѓаните, а за доброто на државата. Затоа што вистинските патриоти како вас државата ја сакаат со дела а не со зборови.
Им благодарам и на нашите стратешки партнери, поддржувачи и сојузници за поддршката и довербата. Застанавме рамо до рамо, со најмоќните нации на светот, докажувајќи дека сме достојни на заветот на илинденците од двата Илиндена, дооформуваќи го сонот на Методија Андонов Ченто и Ќиро Глигоров, кој еднаш кажа дека оваа земја е се што имаме, а Армијата е нејзиниот светилник, без оглед дали плови низ бура или по мирни води.
Нека ни е честит Денот!
Да живее Армијата!