Собранието со 70 гласа „за“, 47 „против“ и без „воздржан“ глас го усвои дневниот ред на 123-тата седница која има само една точка – Предлог за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во преамбулата на Уставот.
По усвојувањето на дневниот ред треба да почне претресот за потребата од носење на уставните измени, за чие усвојување е неопходно да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази неопходни за промена на Уставот.
Во обраќањето премиерот Димитар Ковачевски пред пратениците меѓу другото посочи:
-Сите знаат за создавањето на нашиот вековен идентитет. Предлогот за дополнување на Уставот има само една релација: влегување во ЕУ. Предлогот е наш македонски. Отфрлам дека има било каков диктакт. Да донесеме одлука, да не чекаме и каскаме. За да влеземе во ЕУ до 2030 година. За само една година поддршката за нас се зголеми. Македонскиот јазик се говори во Брисел. Никој не не асимилира. Во Собранието секогаш има дежурни кои го плашат народот со црнила, рече Ковачевски.
Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата за потребата од носење на уставните измени трае најмногу десет работни дена и доколку е така треба да заврши на 31 август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно.
Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија за полноправно членство во Унијата.
Постапка за измена на Уставот
Постапката за измена на Уставот поминува низ три фази. Во првата фаза, Собранието со двотретинско мнозинство, носи одлука за пристапување кон измена на Уставот. Втората е фаза на утврдување на нацрт-амандманите и за тоа е доволно мнозинство од вкупниот број пратеници или 61 глас. Третата финална фаза е усвојување на амандманите и за тоа повторно е неопходно двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа.
Предлог за пристапување кон измена на Уставот можат да поднесат: Претседателот на Републиката, Владата на Република Северна Македонија, најмалку 30 пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и 150.000 граѓани.
По поднесување на предлогот, потребно е да се донесе Одлука за пристапување кон измена на Уставот. Одлуката ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно со најмалку 80 гласа. Бидејќи се работи за промена на Преамбулата, потребно е да има и т.н. Бадентерово мнозинство, односно за неа да гласаат и најмалку 21 од 40-те пратеници кои не се припадници на мнозинската македонска заедница.
Ако одлуката за пристапување кон измени на Уставот биде усвоена од Собранието, иницијативата се враќа до Владата, која треба да го подготви текстот на нацрт- амандманите на Уставот со образложение. Вака подготвениот текст се доставува до претседателот на Собранието, кој го проследува до пратениците и до шефот на државата најдоцна 30 дена пред одржувањето на собраниската седница на чиј дневен ред ќе се најде иницијативата.
Амандмани може да се поднесат само за она што е предмет на измените на Уставот и тоа право го имаат секој пратеник, работно тело и Владата како предлагач до најдоцна осум дена пред седницата на Собранието. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на амандманот на Уставот. По ова, следува јавна расправа која не може да биде подолга од 30 дена.
Потоа, Владата поднесува предлог-амандмани до Собранието, кои треба да бидат прифатени од Комисијата за уставни прашања, која потоа доставува извештај со дополнет предлог на текстот на собраниската седница. Секој пратеник може да поднесе амандман на текстот. Текстот на предлог-амандманите се усвојува со 61 глас. Конечната одлука за промена на највисокиот правен акт – Уставот, се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници односно со најмалку 80 гласа.