Од денеска до недела ќе се одржува манифестацијата „Меден Радовиш“, која се организира вторпат.
Според организаторите, овие три дена се дел од регионалните туристички промотивни денови на Радовиш, а се одржува во рамки на чествувањето на патронот и заштитник на градот – свети Спасо Радовишки.
Манифестацјата ќе се одржи на истоимениот плоштад во Радовиш, а ќе биде збогатена со дополнителни програмски содржини и излагачи на здрави еколошки производи.
Покрај производителите на мед и производи од мед, ќе бидат изложени и други земјоделски производи, локална храна и специјалитети и ќе учествуваат и невладини организации што работат во областа на туризмот.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Радовиш.