„Нема да има промена на ставот на ЕУ – нема ниту желба, ниту некој неколку месеци пред
европските избори во ЕК и во Советот ќе се заложи за промена на правилата. Правилата се такви, договорени се и сите мора да ги почитуваат. Второ – нема да има подобра понуда затоа што оваа е најдобра. Никој не ги витка рацете на Скопје, никој не поставува дополнителни услови. Ова не е никаков бугарски диктат, туку ова се европските правила кои Северна Македонија мора да ги следи“, изјави европратеникот Илхан Ќучук пред расправата за уставните измени во нашата држава.
Според него, потребен е политички напор и желба земјата да оди напред во една или друга насока.
„Изборот е исклучиво на Северна Македонија. Ако ВМРО-ДПМНЕ не сака да биде
на страна на европеизацијата на РСМ, одговорноста е на партијата, но за жал, ова
ќе го запре патот на Северна Македонија кон ЕУ за не многу кратко време“, категоричен е тој.
Според негова оценка, сосема е реално Албанија да се одвои од Северна Македонија.
Ќучук се согласи и со мислењето на македонскиот премиер Димитар Ковачевски дека во случај на неуспех, причините може да се бараат само во Скопје.
„Мора да има јасен политички знак, односно обединети напори од страна на сите. Дебатата
може и треба да биде строга кога се зборува за внатрешно-политички прашања, но кога
зборуваме за столбовите на интеграцијата, НАТО и ЕУ, цивилизираниот избор на државата – тука мора да има единствено мислење, следејќи ги стратешките приоритети на
земјата. Ова е и бугарскиот пример“, вели Ќучук.
Тој повторно уверува дека условите не се бугарски, туку европски и дека за нив се согласиле Бугарија и Македонија за време на француското претседателство. Наедно порача политичарите да не се мешаат во историјата.
„Историјата треба да се остави во рацете на историчарите, а политичарите да гледаат
перспектива. Денешните политички елити во Бугарија и Северна Македонија имаат многу различни работи да одлучуваат кога зборуваме за перспектива. Вклучувам бизнис
односи, култура, образование – се што треба да се направи за да можат двете земји да бидат поблиски како земји, имајќи го предвид нивното заедничко минато, со цел да бараат заедничка иднина во рамките на ЕУ. За тоа се заинтересирани и двете страни“, рече Ќучук.
Тој призна дека постои тензија меѓу двете земји, но многуте работи што
се направени не можат да се избришат со еден вандалски чин.