Кипарски Турци со булдожери утрово нападнале возила на мировните сили на Обединетите Нации (УНФИКИП) во тампон зоната на Кипар во регионот на Пила, кои се обидувале да спречат неовластени градежни работи на патишта во зоната, а инцидентот го осудија како од УНФИКИП, така и од ЕУ, кипарската и грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
Според кипарските медиуми, припадниците на мировните сили утрово се упатиле во конкретната област за да ги блокираат работите на патот, кои претставуваат прекршување на статусот кво, а група кипарски Турци физички ги нападнале мировниците и им ги оштетиле возилата.
Од УНФИКИП соопштија дека инцидентот се случил во тампон зоната додека мировниците блокирале неовластени градежни работи во конкретната област и истакнаа дека се неприфатливи заканите за безбедноста на мировниците и оштетувањето на имотот на ОН, што претставуваат кривично дело согласно меѓународното право.
-УНФИКИП ја повикува страната на кипарските Турци да ги почитува овластувањата на мисијата во тампон зоната на ОН, да се воздржи од било какви дејства што би можеле дополнително да ги ескалираат тензиите и веднаш да го повлече целиот персонал и машинеријата од тампон зоната на ОН, соопштија од мисијата на мировните сили на ОН на Кипар и додадоа дека внимателно ја следат ситуацијата и остануваат посветени на „одржување на смиреноста и стабилноста во областа“.
Кипарската Влада, преку портпаролот Константинос Летибиотис ги осуди „организираните инциденти предизвикани утринава од турските окупаторски сили во тампон зоната во областа Пила и неприфатливиот напад врз британски и словачки припадници на мировните сили на ОН“.
Летибиотис во писмената изјава додаде дека Владата ги спроведува сите дипломатски дејствија и е во постојан контакт со Обединетите нации, со постојаните членки на Советот за безбедност, со Европската Унија, со грчката Влада и со раководството на мировните сили на Кипар „за спречување на турските планови“.
Инцидентот го осуди и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, кој преку Твитер истакна дека „гарантирањето на безбедноста на мировните сили и деескалирањето на ситуацијата мора да останат приоритет“ и додаде дека е во контакт со претседателот на Кипар Никос Христодулидис.
Со осуда излезе и Министерството за надворешни работи на Грција, кое преку соопштение вели дека станува збор за „флагрантно кршење на статусот кво“, а нападот врз мировниците на ОН е „чин на непочитување на меѓународното право“.
Повикаа веднаш да запрат незаконските градежни дејности и да се избегне каква било активност која ќе предизвика дополнителна ескалација.
За инцидентот, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис имал телефонски разговор со кипарскиот претседател Никос Христодулидис, а од кабинетот на Мицотакис соопштија дека „Грција и Кипар се во целосна координација за да ги преземат сите соодветни активности на меѓународно ниво“.
Според кипарските медиуми, Христодулидис утрово одржал итен и вонреден состанок со надлежните министри