Дозволете ми во свое и во име на МВР, со посебен пиетет да ви го честитам Денот на Армијата на Република Северна Македонија – 18 Август, денот кога пред 31 година, паралелно со независноста на Македонија беше поставен и овој столб на националната безбедност и државност, за одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на државата напиша Спасовски.
Корените, сепак, датираат од многу поодамна. Од далечната 1943 година кога токму на 18 август беше формиран баталјонот „Мирче Ацев”, првата регуларна воена единица на македонскиот народ, кој преку борбените походи, напади и диверзии придонесе за победа над фашистичкото зло, исцртувајќи ја визијата на партизаните за сопствена слободна држава.
Денес, Армијата е партнер од доверба дома, а подготвеноста и посветеноста на нејзините припадници се високо ценети и во светот, кај соседите и сојузниците. Реализирајќи ги најкомплексните општествени задачи, Армијата заедно со полицијата, противпожарните служби, медицинскиот персонал и просветните работници, се на браникот на човековите права и слободи, како гарант за безбедноста и стабилноста на државата, за сигурноста на граѓаните.
Со рамноправен партнерски однос на нашата Армија со армиите од регионот и светот, нашите војници се посакуван партнер во меѓународните мировни мисии, рамо до рамо со сојузниците од НАТО Алијансата во гарантирањето и на колективната безбедност и светскиот мир.
Токму членството во НАТО ја постави и одговорноста на Армијата на многу повисоко ниво, а со тоа и нашата обврска да ја унапредуваме и модернизираме Армијата.
Сакам да се заблагодарам на сите жени и мажи во Армијата, на војниците од сите чинови, како и на цивилните службеници, за особениот придонес во изградбата и зајакнувањето на одбранбената способност на државата. Ве охрабрувам и во иднина да продолжите со заложбите да ги поместувате линиите на сопствените достигнувања, водени од патриотизмот, професионализмот и честа што сте дел од Армијата која е почитуван и доследен чувар на светскиот мир.
Нека е честит 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија!