Тајниот план на Мицкоски не може во исто време да биде и анти-европски и македонски
Мицкоски преку денешното интервју упати пораки со кои како да сака да го условува целото општество дека прво требало да му се дадат избори, за тој потоа да го соопштел наводното решение за македонско-бугарските односи. Тој вели “ќе понудиме патриотско, компаративно гледано, крајно исправно решение кое ќе ги зачува, заштити и унапреди интересите на Македонија. Но, за да го направиме тоа потребни се ПРВО избори”. Или во превод, дајте ми власт, па ќе ви кажам што ќе правиме.
Бре мајката!?
Мицкоски нема план за МК во ЕУ. Да имаше, ќе го соопштеше. Но, дали денес Мицкоски, можеби за прв пат открива дека тој подготвува некој друг, таен план за или подобро кажано против државата?
Какви тајни планови крои и крие Мицкоски?
Дали некој во оваа држава има дилема дека секој таен план на ДПМНЕ е опасен план за Македонија? Дали тајниот план на Мицкоски е прекин на преговорите со ЕУ и нова изолација на државата? Дали тајниот план на Мицкоски е додавање масло во радевиот и куртиевиот жар и јавање на антибугарскиот и антиалбанскиот сентимент кај Македонците? Дали тајниот план на Мицкоски е трошење на државниот буџет без усул и мерка со цел ставање нови пранги врз државата, подалеку од правилата на ЕУ?
Има ли едно нешто што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го направиле за нашето членство во ЕУ и НАТО, па да може да им се верува дека тие имаат план за европска Македонија? Помислете, дали има барем еден државнички потег од страна на ВМРО во 20 години со кој тие земјава барем за еден чекор ја приближиле до европските фондови, до НАТО безбедноста и до ЕУ реформите?
Огромното мнозинство од народот, заедно со СДСМ, сите партии од владината коалиција и сите албански партии се ЗА македонската држава стане членка на ЕУ, како логичен чекор после членството во НАТО.
Мицкоски и ДПМНЕ сѐ што правеа до сега беше против НАТО и ЕУ. Тие се во постојан конфликт со позициите и ставовите на демократскиот мнозински блок во земјава и со западните сојузници. И во тотална конфузија во јавните настапи по овие прашања. Те ВМРО од секогаш било на европскиот воз, те тој немало да тера европска туку македонска агенда.
Ако агендата на Мицкоски не е европска, тогаш таа мора да е неевропска или антиевропска. Ама неговата агенда не може да ем неевропска, ем про-македонска, оти нашето домашно мнозинство вели дека македонската агенда е европска. Па, впрочем и секогаш била. Затоа, македонскиот народ не смее да си дозволи Мицкоски да го прекројува повеќевековниот наш стратешки курс.
Затоа, македонскиот народ има обврска да не дозволи никому да крои тајни и опасни планови на државата.
Фејсбук статус на Марјан Забрчанец