Мелони им ја плати сметката на Италијанци кои избегаа од ресторан во Албанија

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која годинава се приклучи на се поголемиот број Италијанци кои летуваат во Албанија, ја плати сметката за своите сонародници кои побегнале од локален ресторан без да ја платат сметката.

Со овој досега невиден дипломатски чин, италијанската влада ја подмири сметката во ресторанот во Албанија од каде четворица италијански туристи си заминаа без да платат.

Кога се појавија вести дека некои Италијанци избегале без да ја платат сметката во ресторан во Берат, Мелони се вклучи да помогне, изјави албанскиот премиер Еди Рама за Ла Стампа.

„Одете и платите ја сметката на тие идиоти, ве молам“, ја цитира Рама изјавата на Мелони на италијанскиот амбасадор во Албанија, пренесува Ројтерс.

Франческо Лолобриџида, италијанскиот министер за земјоделство и зет на Мелони, беше на пат за Албанија и рече дека тоа е прашање на национална гордост.

„Таа се понуди да ја плати сметката. Амбасадорот се враќаше во Тирана и беше достапен да го стори тоа“, рече Лолобриџида, додавајќи дека неколку нечесни поединци не можат да ја посрамотат нацијата на пристојни луѓе.

Италијанската амбасада во Албанија преку соопштение потврди дека ја платила сметката, наводно, околу 80 евра, во име на своите граѓани.

Не е јасно кога се случил инцидентот, но безбедносните снимки од група Италијанци кои го напуштаат ресторанот станаа вирални на социјалните мрежи.

Сопственикот на ресторанот за албанската Репорт ТВ изјави дека првпат му се случило муштерии да го напуштаат неговиот локал без да платат и рече дека четворицата Италијанци дури и ја пофалиле храната.

Мелони и нејзиното семејство оваа недела поминаа неколку дена во Албанија како гости на премиерот Рама.

Треба да знаете
Последни објави