Влашкиот принц и војвода Влад III или Влад Цепеш, ширум светот познат како најверојатната инспирација за грофот Дракула, вампирот од романот на Брам Стокер, страдал од ретко нарушување поради кое неговите солзи имале боја на крв, пишува LiveScience.
Научниците го заклучиле ова по хемиски анализи на три писма што Влад Цепеш, познат и како Влад Дракула, ги напишал за време на три различни периоди од неговото владеење со Влашка, се наведува во студијата објавена во списанието „Аналитичка хемија“, која ја спровеле научници од Универзитетот од Катанија, Италија.
За да дознаат повеќе за влашкиот принц, околу кого се плете легендата за крволочност, научниците користеле техника наречена масовна спектрометрија, која вклучувала нанесување на етилен-винил ацетат на буквите и потоа негово отстранување. Етилен-винил ацетат собрал протеини и остатоци од пептиди од буквите напишани од Влад Цепеш. При тој процес се добиени околу 500 пептиди, од кои 100 се од човечко потекло. Се претпоставува дека тие му припаѓале на принцот, а не на некое друго лице кое ги пренесувало писмата.
Документите открија пептиди поврзани со цилиопатија, група генетски нарушувања кои влијаат на органелите во клетките познати како цилии. Исто така, пронајдени се докази дека можеби страдал од воспаление на респираторниот систем. Сепак, најголемото откритие на писмото напишано во 1475 година има 3 пептиди пронајдени во очите и солзите. Следејќи ги карактеристиките на овие пептиди, тие заклучиле дека тој најверојатно боледувал од хемолакрија, состојба во која има крв во солзите.
Истражувачите не ја знаат причината за неговата состојба, но може да биде поврзана со повреда на окото или бактериски конјунктивитис.
– Како што дознаваме, ова е првпат да се прави вакво истражување и истото помогна да се разбере здравствената состојба на Влад Цепеш. Не можеме да ја негираме можноста дека и други луѓе ги допреле овие писма, но претпоставуваме дека најмногу протеини на нив му припаѓаат на принцот Влад, кој ги напишал и потпишал – наведуваат авторите во студијата.
Влад Цепеш е една од најпознатите личности во романската историја. Тој владеел со Влашка во три наврати – 1448, 1456-1462 година и 1476 година, при што е забележано дека користел сурови методи во борбата со османлиската војска, а поради набивањето на луѓето на колец го добил прекарот Цепеш, што значи наколнувач.
Прекарот Дракула го добил како син на член на познатиот витешки ред на змејот. Иако Брам Стокер го напиша романот „Дракула“ уште во 1897 година, историчарите Раду Флореску и Рејмонд Т. Мекнали објавија книга во 1972 година во која тврдеа дека токму Влад Цепеш бил инспирација за приказната за вампирот кој доаѓа во Британија од Трансилванија. Други научници постојано тврдеа дека има мала сличност помеѓу Дракула на Стокер и Влад Цепеш.