Пристигнувањата на странски туристи во првите шест месеци од годинава во Португалија ја надминале бројката од осум милиони, што е најдобрата прва половина од годината од почетокот на собирањето на таквите податоци, покажа во понеделник официјалната статистика.
Според податоците на државниот институт за статистика ИНА, речиси 8,2 милиони странски гости престојувале во португалските хотели во периодот од јануари до јуни, наспроти 6,3 милиони пред една година и 7,4 милиони во првите шест месеци од 2019 година, рекордни години за португалскиот туризам пред пандемијата „Ковид-19“ да го запре глобалното патување во 2020 година.
Странските туристи во Португалија оствариле повеќе од 24 милиони ноќевања во првите шест месеци. Туризмот е клучниот двигател на тамошната економија и сочинуваше речиси 15 отсто од нејзиниот БДП пред пандемијата, потсетува Ројтерс. Гостите од Британија, повеќе од еден милион од нив, имаат најголем удел во вкупните пристигнувања на странски туристи во првата половина на 2023 година, а потоа следат гостите од Шпанија и САД.
Кога во статистиката ќе се вклучат и домашните туристи, секторот за комерцијален туризам забележал 13,6 милиони гости и 34 милиони ноќевања во првите шест месеци, а вкупните приходи се зголемени за 32 отсто на годишно ниво, на 2,5 милијарди евра, објави статистиката.
Во посебен извештај, INE објави дека бројот на патници што патувале низ португалските аеродроми во првите шест месеци скокнал за речиси 30 проценти на годишно ниво и се зголемил за 12 проценти во споредба со првата половина од 2019 година. Според Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, меѓународните патувања оваа година достигнаа околу 90 проценти од нивоата пред пандемијата.