Министерството за внатрешни работи (МВР) да спроведе брза и ефикасна истрага за нападот на нашите колеги, бараат од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) откако телевизиска екипа на ТВ Алсат, извршувајќи ги своите работни задачи, беше нападната во Старата скопска чаршија.
Реакцијата на ЗНМ следува откако од Алсат претходно денеска објавија оти екипа од две новинарки и снимател, вработени во телевизијата, биле нападнати од сопственик на продавница во Скопската чаршија.
Од Здружението додаваат и дека контактирале со Ера Ѓакова, една од новинарките која била цел на нападот. Таа ја опишала ситуацијата како непредвидлива и многу вознемирувачка, особено за нападнатиот снимател, но и за нејзината колешка Сара Хоџа на која ова не ѝ било првпат да биде нападната.
По нападот на телевизиската екипа, во чаршијата пристигнала и полицијата, но во меѓувреме напаѓачот ја затворил продавницата и заминал од местото на настанот.