Маринакис за неформалната вечера: Грција е столб на стабилност, мир и енергетска безбедност на Балканот и ЈИ Европа

Иницијативата на премиерот уште еднаш ја докажува лидерската улога на Грција како столб на стабилност, мир и енергетска безбедност на Балканот и Југоисточна Европа, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите во однос на неформалната вечера што ја организира премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис.

Маринакис повтори дека лидерите на земјите од Западен Балкан и од земјите- членки на ЕУ од регионот, во присуство на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ќе присуствуваат на неформалната вечера во Премиерската палата во Атина по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ- Западен Балкан и „Декларацијата од Солун“.

Посочи дека во изминатите четири години, Грција го зајакна својот геополитички и енергетски отпечаток во регионот и е на страната на Западен Балкан и како членка на европското семејство, но и како најголема економија во регионот.

-Денеска во нашата земја се раководството на Европа и лидерите на Балканот, докажувајќи уште еднаш дека надворешната политика на Владата и активностите на премиерот ја направија Грција, за само неколку години, протагонист на меѓународните и европските случувања, порача портпаролот на грчката Влада.

Додаде дека на вечерата освен фон дер Лајен и Мишел, ќе присуствуваат и претседателите на Србија и на Црна Гора, претседателката на Молдавија, премиерите на Северна Македонија, Косово, на Бугарија, Хрватска и Романија и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина.

Албанија била поканета на претседателско ниво, но нема да има претставник во Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на Албанија, Маринакис објасни дека „не беше можно да не биде поканет Рама на една толку важна иницијатива“.

-Кога велиме дека европскиот пат на Албанија поминува преку елементарното почитување на европските правила и на правилата на правото, го мислиме тоа. Како и да е беше поканет претседателот на Албанија, кој нема да биде присутен, рече Маринакис.

Со оглед на тоа што во изминатите денови во Грција, неофицијално се споменува дека можно е на неформалната вечера да присуствува и претседателот на Украина Володимир Зеленски, информација за која, веројатно од безбедносни причини, нема официјална потврда, Маринакис, одговарајќи на новинарско прашање, кусо рече дека нема нешто што би можел да спомене околу конкретната тема.

Треба да знаете
Последни објави