Речиси три месеци по изборите во Нигерија, денеска 45 нови министри положија заклетва пред претседателот на земјата, Бола Тинубу, ветувајќи дека новата влада ќе има забрзана развојна агенда.
Американските медиуми пренесуваат дека цел на новиот владин кабинет треба да биде помошта во подобрувањето на состојбата за луѓето во оваа најголема африканска економија и најнаселена земја, во која милиони луѓе се борат со економските тешкотии а на кои директно влијаеше политиката на владата на земјата со континуираниот притисок врз сиромашните слоеви од општеството.
На денешната церемонија во главниот град Абуџа, претседателот Тинубу призна дека Нигерија се соочува со „застрашувачки предизвици“, укажувајќи дека новиот кабинет има можност да ги спроведе „одамна задоцнетите реформи“.
-Мораме едни другите да ги сметаме за одговорни и мораме да ја направиме работата што од нас ја очекуваат сите граѓани на Нигерија“, им порача претседателот на новите министри.
Помалку од 20 отсто од членовите на новата влада се жени, што ја продолжува долгата традиција на ниска застапеност на жените во владините тела во Нигерија. Покрај технократите од приватниот сектор, меѓу министрите се и неколку партиски лојалисти, вклучително и поранешни гувернери кои помогнаа да се мобилизира поддршката за Тинубу за време на претседателската кампања.