„Тоа беше место на апокалипса“, вели повреден патник од превртениот автобус во турскиот град Јозгат, каде што загинаа 12 лица

Во сообраќајната несреќа кај турскиот град Јозгат, кога патнички автобус падна во бездна, загинаа 12 лица, а 19 се повредени, објавија турските медиуми.

Автобусот патувал од Сивас до Истанбул, а излегол од контрола во близина на крстосницата Мукремин на автопатот Сивас – Јозгат. Автобусот преминал на спротивната лента и паднал во бездна.

Мухитин Атеш, еден од патниците повредени во несреќата, по лекувањето во болница, се вратил на местото на настанот.

„Спиев, околу 12 часот вечерта се разбудив од звуците на вресоци. Видов како возилото удри во бариерите и излетавме надолу. Не се сеќавам на тој момент. Веќе се тркалавме. Кога се разбудив, видов дека не ми е ништо, им помогнав на повредените“, изјави тој за турските медиуми.

„Кога се разбудив, видов дека сме во бездна. Не се сеќавам што се случи потоа. Кога ги отворив очите, тоа беше како место на апокалипса“, додаде Атеш.

„Автобусот удри во дрвјата од втората бариера, а потоа и во карпата од левата страна. Лицето до мене падна од автобусот и ме исфрли и мене од возилото. До мене имаше младо момче. По тоа, не видов никој друг“, изјави друг патник.

Гувернерот на Јозгат, Мехмет Али Озкан, во изјава за НТВ изјави дека несреќата била предизвикана од невнимание, според првите наоди.

Треба да знаете
Последни објави