Мистериозно езеро на Јадранот кое ја менува бојата и носи среќа на заљубените парови

Во зелените шуми во близина на плажите се кријат природни чуда, а едно од нив се наоѓа на југот на Јадранот, на мал полуостров. Станува збор за Змејовото око, кое уште го нарекуваат и Рогозничко Езеро, бидејќи се наоѓа на полуостровот Градина во Рогозница, пренесува punkufer.dnevnik.hr.

Езерото е исполнето со солена вода, а со морето е поврзано со пештера чиј отвор се гледа на брегот. Соодветно, пештерата го носи името Змејско уво, а интересно е што е поголема и подлабока од самото езеро.

Но, она што е уште поинтересно е однесувањето на ова езеро, поради што често се читаат наслови како „Змејското езеро ја промени бојата!“. Имено, на секои неколку години рибите, медузите и другите жители на езерото „се иселуваат“ во блиското море. Тогаш езерото се заматува и ја менува бојата, а кога ќе се „филтрира“, животните повторно се враќаат. До следниот пат кога повторно ќе снема кислород и кога ќе „зоврие“ езерото.

Затоа, боите на езерото варираат од жолто-црвеникава до зелено-сина.

Езерото со мистериозно име носи со себе некои легенди. Една од нив вели дека езерото настанало откако на истото место паднал метеорит. Друга вели дека тоа бил вселенски брод. Третата вели дека езерото настанало поради проклетството што слеп брат го фрлил врз друг брат кој, искористувајќи го неговото слепило, го измамил за наследство.

И секако, тука е легендата во која се спомнува рогозничкиот змеј кој, слично на приказната за свети Ѓорѓи кога го уби змејот, го тероризира локалното население и умира од рацете на херој кој решил да спаси убава девојка од незаситен и суров ѕвер. Само, овој има сладок додаток: постои верување дека заљубениот пар кој заедно се капе во езерото ќе остане заедно во среќа и љубов до крајот на животот, а бракот ќе биде крунисан со здрави деца.

Треба да знаете
Последни објави