Петтиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“ отворен до 30 септември

Петтиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“, за најдобар необјавен роман на годината, ќе биде отворен до 30 септември 2023 година. Конкурсот е распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

На конкурсот можат да конкурираат сите необјавени романи наменети за возрасни или за деца. Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма во „ворд“ или во ПДФ-формат на електронската адреса pegaz@arslamina.com.

Како што известуваат организаторите, ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чијшто состав ќе биде објавен дополнително.

Најавено е победникот да биде прогласен најдоцна до крајот на 2023 година.

Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција. Таа е востановена во 2019 година, како своевидно продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината. Целта на оваа награда е да прерасне во книжевен скаут во потрага по квалитетно романескно остварување и по нови писателски гласови што ќе го унапредат овој книжевен вид во рамките на македонската книжевна продукција.

Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021) и „Зелениот дворец“ од Сибо (2022). 

Треба да знаете
Последни објави