Со настанот „OH READ #2 (дијалог низ поезија)“, синоќа во Охрид беше затворена 35. Поетска ноќ во Велестово. Во рамки на овој настан поетите учесници: Албан Туфа (Албанија), Павлина Атанасова (Македонија), Марија Костиќ (Србија) и Шпетим Селмани (Косово), најпрвo во гимназијата „Св. Климент Охридски“ одржаа работилница за креативно пишување и дијалог преку поетски препев, наменета за млади, а подоцна се одржа и интернационално поетско читање во кафе и бар „Шила“ во Охрид.
Годинешното 35-то јубилејно издание на интернационалниот поетски фестивал Поетска ноќ во Велестово се одржa од 12-ти до 20-ти август на повеќе локации во Велестово, во Охрид и во Слоештица, а учествуваа 30-ина поети и уметници од девет земји и беше проследен од повеќе од шестотини гледачи.
Годинава во фокусот беше македонската поезија пишувана од жени и во таа насока централниот настан беше промоцијата на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска.