Италија усвои закон со кој се овозможуваат дополнителни 40.000 дозволи за сезонски работници

Италија одобри вработување на дополнителни 40.000 сезонски работници надвор од ЕУ во земјоделскиот и туристичкиот сектор во земјата, објави италијанското здружение на фармери Колдирети. Оваа земја усвои закон со кој ќе се овозможи издавање дозволи за споменатиот број сезонски работници, а уредбата се совпаѓа со почетокот на сезоната на берба на јаболка и грозје, пренесува АНСА.

Со цел да се забрзаат процедурите за вработување, со уредбата се резервирани 15.000 од 40.000 работници за здруженија на работодавачи, а сезонските работници ќе се вработуваат врз основа на барањата поднесени до локалните канцеларии за имиграција. Како што се наведува, странските работници вработени во земјоделството главно доаѓаат од Романија, Мароко, Индија и Албанија, но застапени се речиси сите националности, соопшти здружението на земјоделци.

„Во Италија секој четврти земјоделски производ го бере странец. Имаме 358.000 редовни работници кои доаѓаат од 164 различни земји. Вработени се на полињата и шталите и обезбедуваат повеќе од 30 проценти од вкупните работни денови потребни за овој сектор“, наведуваат од истражувачки центар ИДОС.

Додаваат дека најголем дел од земјоделците имаат краткорочни договори за вработување. Тие работат во многу области на Италија, како што се Верона, Фриули, Трентино, Пиемонт, Емилија Ромања и Ломбардија, помагајќи во бербата и производството на јагоди, винова лоза, јаболка, грозје и млеко.

Треба да знаете
Последни објави