Во тек е хуманитарна донаторска кампања наменета за децата поддржани од СОС Детско село со цел да им овозможи успешен почеток на школската година. Кампањата ќе трае до 20 септември, а можат да се вклучат сите граѓани и да им помогнат на децата од оваа ранлива категорија, обезбедувајќи им услови за поквалитетно образование.
Како што информираат од СОС Детско село, со купување на посебно означените производи од училишната програма во Веро маркетите и Jumbo продавниците, потрошувачите донираат средства кои се насочуваат во фондот наменет за СОС Детско село. Со секој купен ранец тие донираат по 30 денари, за училишен несесер 10 денари, додека за секој купен молив, пенкало, тетратка или боенка потрошувачите донираат по 1 денар. Како општествено одговорна компанија заедно со своите партнери и добавувачи од „Офис плус“, „ТОЗ МК“, „Графотекс“, „Пан граф“, „Папироти“, „Просветно дело“, „Унивел“ и „Солушн Д“ одлучија да ја почнат оваа хуманитарна кампања и со помош на потрошувачите покажат дека децата без родителска грижа не се оставени сами.
-Оваа кампања ѝ додава „хуманитарна вредност“ на продажбата, при што „Веро“ заедно со партнерите издвојува дел од профитот за да ги поддржи децата од СОС Детско село и да им овозможи еднакви можности со останатите деца, а со тоа и подобра иднина. Квалитетното образование е столб на секое општество и само преко вложување во оваа област може да создадеме силни индивидуи кои ќе бидат движечка сила на заедницата. Како општествено-одговорна компанија, среќни сме што придонесуваме кон јакнење на свеста на заедницата дека сите што се во можност треба да се вклучат во активностите за поддршка на најранливата категорија, децата, изјави Петар Денковски, генерален директор на „Веро“.