Претседателот на Владата на Република Северна Македонија во интервју за МИА, говори за економските ефекти кои нашата земја ги доби како членка на НАТО и што значи членството на земјата во ЕУ. Ковачевски вели дека Северна Македонија мора да го искористи моментот и да го прифати единственото најдобро решенија за земјата да продолжи со процесот на евроинтеграции се до полноправно членство во Европската Унија.
„ Ако ги погледнеме економските ефекти од зачленувањето во НАТО ние имаме минатата година најкризна година, највисоко ниво на странски директни инвестиции. Имаме највисок пораст на просечната плата, највисок пораст на минималната плата, највисок пораст 26% на пензиите, во само 1,5 година.Тоа е се резултат на еден стабилен, политички и безбедносен амбиент во државата којшто овозможува на инвеститорите да ја препознаат Северна Македонија како место за нивните инвестиции.
Што значи зачленувањето во ЕУ? Ако ги погледнете државите кои се зачлениле во ЕУ, во првите пет години од зачленувањето кај нив платите се зголемуваат од 70 до 100 проценти. БДП расте во износи од 80 до 90 проценти зголемување. Се зголемува бројот на работни места. За 30 до 40 проценти се зголемува бројот на малите и средните претпријатија. Тоа се економски бенефити. ЕУ е создадена како Европска економска заедница (ЕЕЗ), тоа го заслужуваат и нашите граѓани и нашите компании, тие не заслужуваат чекање постојано”, вели Ковачевски.
Премиерот во интервјуто потсетува на 11те години чекање да се реши спорот со Грција, за членство на Северна Македонија во НАТО. Спор кој не беше решен во 2008 година.
„И сега не е различно. Ние имаме јасна преговарачка рамка, со заштитен македонски јазик, заштитен македонски идентитет. Со билатералните прашања надвор од критериумите за пристапување во ЕУ. Веќе се привршува и скринингот во најголемиот дел од поглавјата, извештаите веќе се подготвуваат. На државата и останува и на политичкото водство и на сите други актери во општеството да се направат потребните реформи со кои државата ќе стане најдоброто место за живеење за македонските граѓаните. Македонските граѓани докажаа и покажаа дека сакаат да живеат во ЕУ. Меѓутоа сакаат да живеат ЕУ- Северна Македонија, во својата родна земја, а не да купуваат пасоши од туѓи држави и со тие пасоши да одат да работат во Германија, Италија или во Франција само заради тоа што тие држави се земји членки на ЕУ.”