Американскиот претседател Џо Бајден, со сопругата Џил, денеска пристигна на Хаваите од каде ја најави долгорочната реконструкција на островот Мауи, каде пред две недели во пожарите загинаа повеќе од 114 лица.
Американскиот претседател изјави дека ќе биде со жителите на Мауи „колку што е потребно“ додека не го обноват она што огнот го проголта.
-Гледаме што е следно. Пред сè, обнова, долгорочно. И тоа ќе го направиме заедно, рече Бајден, видно вознемирен по посетата на Лахаина, која најтешко настрада во пожарите.
Тој додаде дека ќе се погрижи гласот на луѓето да се слушне и дека ќе ги почитува локалните традиции, пренесе Гласот на Америка.
-Американскиот народ е со вас. Колку што е потребно, ние сме со вас, рече тој во обраќањето до преживеаните, заедно со гувернерот Џош Грин, сенатор од Хаваи и претставник на Мауи во Конгресот.
Грин му се заблагодари на Бајден за помошта, како и за фактот дека помошта од федерално ниво дојде брзо.
Бајден зборуваше покрај еден од симболите на Мауи, историското дрво старо 150 години кое беше оштетено, но сепак го издржа пожарот.
-Верувам дека ова е моќен симбол на она што можеме и што ќе го направиме за да излеземе од оваа криза, рече Бајден.
Претседателот се присети на својата лична трагедија, сообраќајна несреќа во која ги загуби првата сопруга и помалата ќерка. Тој рече дека го знае чувството што го имаат луѓето на Мауи, „тоа чувство во твоите гради како нешто те влече во црна дупка“.
Во Лахаина претседателовото возило, што беше под придружба, помина низ опожарени делови од градот.
Бајден беше критикуван од некои републиканци за неговиот одговор на шумските пожари во Мауи. Тој рече дека ќе даде финансиска помош на Хаваите, како и ќе обезбеди помош за секој што ќе ја побара. Американскиот претседател повеќе пати нагласи дека реконструкцијата ќе се изврши според желбите на жителите на Лахаина и го пофали силното чувство на заедница што го виде за време на неговата посета.