Грција се бори со нов бран смртоносни пожари, втори за еден месец, кои веќе однесоа два животи и принудија многу жители да се евакуираат.
Неконтролирани пожари беснеат на североистокот на земјата, на островите Евбеја (близу Атина) и Китнос и во провинција северно од Атина, придружени со опасна комбинација на силен ветер и температура до 41 Целзиусов степен.
„Имаме девет активни фронтови“, изјави за АФП портпаролката на противпожарната служба. „Имавме слична ситуација во јули“, додаде таа, мислејќи на претходниот бран пожари во кој загинаа пет лица.
Во понеделникот вечерта беше издадена наредба за евакуација на болницата во Александрополис, пристанишен град во североисточна Грција, каде пожарите беснеат веќе четврти ден по ред.
Крајбрежната стража извести дека евакуирала 65 пациенти на траект што чекал во пристаништето.
Во центарот на островот Евбеја, во понеделникот вечерта беше издадена наредба за евакуација на индустрискиот град Неа Артаки, каде во пожарот беа оштетени живинарски и свински фарми.
Пожарот го загрози и националниот парк на северот на земјата, каде во понеделникот вечерта беше пронајдено тело, најверојатно на мигрант без документи.
Во понеделникот бил пронајден и мртов овчар.
Европската унија најави дека ќе испрати два канадери стационирани на Кипар и романска противпожарна бригада преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
Екстремно топло и суво време, кое фаворизира појава на пожари, во Грција ќе продолжи до петок, предупредува метеоролошката служба.