Руските спасувачи ги извлекоа телата на сите осум лица кои исчезнаа по силниот дожд што ги зароби при обиколката на канализациониот систем во Москва, чии делови датираат од 19 век, јавија денеска руските државни медиуми.
Силниот дожд што во неделата падна над Москва предизвика нагло зголемување на нивото на водата во понорницата Неглинки, оневозможувајќи им на луѓето да се извлечат од канализацијата.
„Пронајдени се телата на сите членови на водената тура по московскиот канализациски систем. Сите се мртви. Операцијата за пребарување е при крај“, изјави спасувач.
Руската Државна истражна комисија објави дека турнејата била нелегална, поради што е отворена истрага. Именувани се тројца осомничени, од кои едниот претходно е уапсен и обвинет, додека другиот вчера ја напушти земјата.
Инспекторите го започнаа процесот на идентификација на телата. Меѓу смртно настраданите, како што објавија медиумите, се вработен во компанијата, неговата петнаесетгодишна ќерка и седумнаесетгодишниот внук.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин инцидентот го нарече „ужасна трагедија“ и упати сочувство до семејствата на жртвите.
Бројни московски водичи нудат обиколки низ градскиот канализациски систем, чии делови датираат од 19 век.