Индија ќе го забрани извозот на шеќер од октомври, можен раст на цените на берзите

Индија ќе го забрани извозот на шеќер за следната сезона, почнувајќи од октомври, за прв пат по седум години, бидејќи недостатокот на дожд ги намали приносите на шеќерна трска. Оваа информација Ројтерс ја доби од свои извори во Владата на Индија.

Доколку Индија нема присуство на светскиот пазар на шеќер, најверојатно ќе се зголемат цените на берзите во Њујорк и Лондон, кои веќе се на највисоко ниво во последните неколку години, што ги зголемува стравувањата од инфлација на светските пазари за храна.

„Нашата главна цел е да ги задоволиме локалните потреби за шеќер и да произведуваме етанол од вишок шеќерна трска. За претстојната сезона нема да имаме доволно шеќер за извоз“, изјави извор од Владата на Индија.

Индија дозволи да се извезат само 6,1 милиони тони шеќер во текот на тековната сезона до 30 септември, а минатата сезона беше дозволен извоз на рекордни 11,1 милиони тони.

Во 2016 година, Индија воведе данок од 20 проценти на извозот на шеќер за да ја ограничи својата продажба во странство.

Треба да знаете
Последни објави