Италијанскиот фудбалски шампион Наполи одбил 30 милиони евра понуда за трансфер на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.
Елмас, кој одигра добра улога во освоеното „скудето“ за Наполи по пауза од 33 години, има договор со тимот од Неапол до јуни 2025 година. Менаџерот на Елмас уште по завршувањето на шампионската сезона за Наполи најави дека постои интерес да го ангажираат македонскиот репрезентативец од германски, шпански и англиски клубови.
Бундеслигашот Лајпциг е тимот кој ја испратил понудата од 30 милиони за Елмас, но Наполи веднаш ја одбил. Елмас според последните информации од италијанскитр медиуми не е заинтересиран да ја продолжи соработката по 2025 година.
За Елмас од Германија имаше најава дека и Борусија Дортмунд ќе испрати понуда од скоро истата сума како и Лајпциг, зашто „милионерите“ веќе подолг период го имаат македонскиот репрезентативец на радарот.
Елмас во Наполи дојде во јули 2019 година од Фенербахче за 16 милиони евра.
Сезонава Елмас ја почна како резерва и кај новиот тренер Руди Гарсија, а неговиот менаџер пред два месеци посочи дека за иднината на макеоднскиот репрезентативец, прво ќе треба да се види дали е во сериозните планови на тренерот или не.