Изложба на скулптури од рециклирано железо од скулпторот Озбек Ајваз

Скулптури изработени од рециклирано железо ќе бидат претставени на изложбата насловена „Мрак“ на скулпторот Озбек Ајваз. Изложбата ќе биде отворена вечер од 19:30 часот во Мобилната (монтажна) галерија на Центарот за современи уметности во Паркот на Франкофонијата во Скопје. 

Скулптурите кои ги изработува Ајваз се од рециклирано железо во апстрактна и геометриска форма. Неговиот уметнички израз е под влијание на Пабло Пикасо, Александар Архипенко, Марсел Дишан и Џулио Гонзалес.

Озбек Ајваз (1999, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек вајарство, со модул сценографија во 2021 година, под менторство на проф. м-р Жарко Башески и проф. м-р Беди Ибрахим. На истиот отсек на ФЛУ тој е на магистерски студии под менторство на проф. Башески. 

Ајваз учествувал на повеќе групни изложби, симпозиуми и колонии во земјава, Турција, Косово и во Црна Гора. Во 2021 ја добил наградата за надежен млад уметник во Истанбул. Од оваа година членува во  ДЛУМ – Друштво на ликовни уметници на Македонија.

Треба да знаете
Последни објави