Ескобар ја почна дводневната посета на Македонија со средбата кај претседателот Пендаровски

Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар попладнево, со средба со претседателот Стево Пендаровски, ја почна дводневната посета на државава. 

Според најавите, во тек на престојот во Скопје Ескобар утре треба да се сретне со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија.

Високиот американски дипломат во дебата за Западен Балкан во Конгресот на САД, одржана во текот на јули годинава, изјави дека САД силно го поддржуваат процесот на уставните измени и се ангажирани со новата влада во Софија да осигураат дека нема да поставува нови барања на европскиот пат на земјава.

-За да ги унапреди своите аспирации за ЕУ, Владата на Северна Македонија е посветена да се спроведат уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани со новата влада на Бугарија за да се осигураме дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори, рече Ескобар на дебатата во Конгресот на која го презентираше извештајот за ангажманот на САД на Балканот.

Треба да знаете
Последни објави