Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повика на лидерска средба за да се договорат предвремени парламентарни избори. Лидерот на опозицијата која го кочи процесот на уставните измени повтори дека партијата нема да го промени ставот и нема да потклекне на како што вели, кампањата на тортура и притисок. Според него, тортурата ја организира власта, која воедно молела претставници на меѓународната заедница исто така да вршат тортура врз ВМРО-ДПМНЕ за да прифатат да се смени Уставот. Мицкоски рече дека досега партијата нудела решенија, како што е устав по хрватски модел и уставни измени со одложено дејство, но сега повеќе нема за што да се зборува со власта, освен за предвремени избори.
-Нема ништо повеќе на маса, само една работа има на маса – лидерска средба околу датумот за предвремени парламентарни избори и на таа лидерска средба да ги договориме деталите околу законските измени. Подготвени сме на брзи парламентарни избори без техничка Влада. Само тоа е сега на маса. Секој што сака со нас да разговара за ова прашање е добредојден. Сè останато, ВМРО-ДПМНЕ во моментот го смета во рамките на оваа кампања на тортура и притисок, рече Мицкоски.
Владини претставници се со контра став дека изборите не се решение за процесот на уставни измени и за деблокада на евроинтегративниот процес на земјава.