„Богатите луѓе северно од Ричмонд“ (Rich Men North of Richmond) на малку познатиот Оливер Ентони, кантри-фолк песна која излезе од никаде и стана вирална на почетокот на август, дебитира на место број 1 на „Билборд хот 100“ листата, што го прави Ентони првиот изведувач кој се искачил на врвот без претходно присуство на која било музичка топ-листа.
Песната, за која Ентони вели дека е првата што некогаш ја снимил со професионален микрофон, стана вирална заедно со видеото на младиот пејач од Вирџинија како свири акустична гитара во шума.
Политички набиената песна, се искачи на врвот на листите на „Епл“, „Спотифај“ и „Ај-тјунс“, а од понеделникот и на „Хот 100“.
Стримувана е 17,5 милиони пати до 17 август, а видеото што го објави RadioWV каналот собра 30 милиони прегледи за 12 дена, пишува „Гардијан“.
Конзервативниот хит предизвика остри реакции бидејќи се противи на високите даноци и ги критикува луѓето кои живеат во благосостојба на сметка на работничката класа.
„Господе, имаме луѓе на улица без ништо за јадење / И дебела благосостојба“, пее Ентони: „Па, Боже, ако си висок 160 см и тежиш 150 кг / Со даноците не би требало да се плаќаат твоите торби полни со бисквити.“
Песната е класична фолк-кантри химна на работниците („Душата си ја продавам работејќи цел ден / прекувремената работа е ниско платена.“
Во изјавата објавена на „Фејсбук“ по виралниот успех, Ентони вели дека не брза да склучи договор со дискографска куќа.
Луѓето од музичката индустрија ме гледаат бледо кога ќе одбијам понуди од осум милиони долари. Не сакам шест туристички автобуси, 15 приколки и млазен авион. Не сакам да настапувам на стадиони, не сакам да бидам во центарот на вниманието. Песните што ги напишав, ги напишав затоа што страдав од психички проблеми и депресија.
Покрај емотивната изведба и моќниот вокал, песната го привлече вниманието на јавноста и со стиховите, насочени кон политичарите во Вашингтон.
Оливер пее за ниските плати, високите даноци, однесувањето на политичарите и на богатите во време кога обичниот човек се соочува со безнадежност.
Во изјава за „Билборд“, Ентони нагласи: песната ја рефлектира безнадежноста и фрустрацијата на нашето време.