Костадиновска-Стојчевска: Ехото на Миладиновци е присутно и денес и од година во година е сè погласно

„Поезијата од привилегирана дама со висок статус се претвори во срамежлива Пепелашка, која повеќе не ја повикуваат на балови и која, при таквите свечени пригоди, само ѕирка од кујната“.
И да, ќе продолжи академик Урошевиќ: „Поетот не му е должен никому ништо, освен на јазикот на кој ги создава своите дела“. Така е и така треба да биде. Секогаш и секаде, инспирирана со поезијата на годинашниот венценосец, академик Влада Урошевиќ, се обрати министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на отворањето на 62. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата, кој од денеска до 27 август ќе се одржува во Струга.

Костадиновска Стојчевска инспирирана од годинашниот лауреат на „Златен венец“, академик Влада Урошевиќ посочи дека човештвото може да се замисли и без поезија. Како што можеме да го замислиме, во некоја иднина, и без љубов, без религија, без духовен живот, без социјална правда, без права на индивидуалност, без право на разлики. Според Урошевиќ, како што рече инистерката за култура, тоа, несомнено, би било едно многу потажно, побездушно, поздодевно човештво. Затоа, додека не дојде до тоа, читајте поезија за барем да го одложиме некако тој момент“, смета таа. 
– И го одложуваме, и вечерва и тука, со сета почит кон пишаниот збор, вткаен во безвременски стихови било да се тие напишани на парче хартија стуткана во џебот или во инспиративна поетска осама на некое посебно место. Едно од тие посебни места е и нашата Струга. На Мостовите на поезијата се сретнаа и Истокот и Западот. Токму тука, каде што сѐ уште боли „Т  ́га за југ“, посочи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.


Таа рече дека ехото на Миладиновци е присутно и денес и дека од година во година е сè погласно. Продолжило тоа ехо благодарение и на Струшките вечери на поезијата, создадени по промислата на величествените македонски современи автори чија визија нè крепи и по децении од нивното заминување.
– „ Инаку, во овој живот полн со предизвици, поезијата е чувствотворност која нè разликува во оваа ера на бесчувствителна роботизација. Можеби совршено звучи „живот без болка“, но без болка, ќе има ли живот? Ќе има ли тогаш убав збор, стих што допира, песна што ќе се разбере?! И каков е тој свет во кој е поважно да биде полн мобилниот, а не душата?!, праша Костадиновска Стојчевска.
На поетите таа им порача да не се откажуваат.
-„ Вие кои ја одржавте, ја етаблиравте и вие кои ја продолжувате оваа престижна поетска манифестација, не откажувајте се од вашиот драгоцен отпор. Вашите стихови нека бидат бедемотпорни. И стиховите сведочат и ќе сведочат за човечкото, за чувствотворното.
Македонскиот современ литературен јазик има збор за секоја песна, за секој стих, на сите поети од светот. Македонскиот современ литературен јазик има збор и за сè што е неизречено, што пристиска и пече. Го има и изразот „вештачка интелигенција“, која можеби ќе напише и поема, ама никогаш нема да допре до длабоката тишина, посочи министерката Костадиновска Стојчевска.

Навраќајќи се на почетоците на создавање на фестивалот кој само за неколку години станал светска поетска манифестација, подвлече дека некогашната сентенција „Сите патишта водат во Рим“ уште кон крајот на шеесеттите години на минатиот век била пресликана во модифицираното значење дека за поетите од сите меридијани во последната недела од август „Сите патишта водат во Струга“.

Годинашен добитник на највисокото признание „Златен венец“ е македонскиот поет, писател и книжевник, академик Влада Урошевиќ. Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија ја доби Димитар Башевски за збирката „Дни, години“, а „Мосотви на Струга“ исрскиот поет Гевин Бредли. 

Градот на поезијата, наредните неколку дена ќе пулсира во духот на пишаниот збор, каде повеќе од 60 поети од земјава и странство ќе читаат поезија на своите јазици

Треба да знаете
Последни објави