Поранешниот македонски селектор и тренер Ѓоко Хаџиевски од пред два дена се врати во ФК Вардар. Тој во следниот период ќе ја извршува функцијата спортски директор. Хаџиевски се надева дека ќе помогне Вардар да излезе од незавидната позиција во која се наоѓа.
– Јас отсекогаш сум се гледал како дел од Вардар иако сум работел во многу клубови и држави. Вардар се наоѓа во тешка ситуација со неизвесна иднина. Се нафатив на волонтерска работа со цел колку можам да му помогнам на клубот. Сакам со моето име, со мојата краиреа во која немам ниту една црна дамка и афера, да успеам да донесам инвеститори кои ќе го вратат Вардар на местото на кое заслужува. Комитите изминатиот период успеаја да го одржат во живот и со својата љубов кон клубот да го одржуваат да може да функционира. Апелирам до сите институции, компании, сите кои можат да помогнат, без да размислуваат да го сторат тоа. Вардар е институција, Вардар е бренд во Македонија, изјави Хаџиевски на денешната прес-конференција.
Тој повика обединување околу Вардар за да се врати на старите патеки кога беше амбасадор на нашата држава насекаде каде настапуваше на меѓународна сцена.
Новиот тренер Александар Васовски е оптимист дека тимот ќе се издигне над проблемите и по лошиот старт со три порази и едно реми, да постигнува подобри резултати.
Чест и задоволство ми е што се враќам во Вардар. Чувствувам морална одговорност да му помогнам на Вардар кога му е најтешко. Вчерашниот бод освоен по три врзани порази е чекор напред. Мислам дека ако успееме да донесеме едно-две засилувања, дека до крајот на првиот дел од сезоната ќе успееме да стигнеме до респектабилен пласман, а потоа што ќе биде не знае никој, потенцира Васовски.
Здружението 35 години Вардарци кои поседуваат 100 насто од акциите на клубот уште еднаш апелираат дека се подготвени мнозинскиот пакет да го предадат на сите они кои сакаат да вложат во Вардар со цел формирање еден Управен одбор кој на долг рок ќе гарантира успеси.