ЕУ соопшти дека е „тешко да се проверат“ извештаите дека лидерот платеничката воена група Вагнер, Евгениј Пригожин загинал во авионска несреќа синоќа.
„Видовме извештај за авионската несреќа во која Евгениј Пригожин, водачот на Вагнер групата, заедно со неговата придружба и членовите на екипажот, наводно загинаа“, рече Питер Стано, портпаролот на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, на прес-конференција.
„Меѓутоа, како и многу други работи во Русија, ни е многу тешко да потврдиме, па не е наше да коментираме“, додаде Стано.
Стано истакна дека се добро познати „негативните акции“ на Пригожин и групата Вагнер, посочувајќи на нивното учество во војната во Украина и операциите во африканските земји.
„Каде и да беа оставија трага на кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право. Има многу неодговорност, правилата според кои тие работат се нејасни“, рече Стано.
Идните операции на групата нема да бидат погодени само од „наводната смрт на Пригожин“, туку и од „јунските настани“ кога групата одлучи да маршира кон Москва во краткотраен бунт, додаде тој.
Стано рече дека ЕУ се надева дека „негативното влијание“ на операцијата Вагнер ќе престане, но е свесна дека платеничката група „не се држи до името на својот водач“. Тој посочи дека поврзаноста на групата со Кремљ е едно од неколкуте „комплексни прашања“, истовремено нагласувајќи дека не е на ЕУ да „шпекулира дали наводната смрт на Пригожин во авионска несреќа ќе има некакви конкретни последици за активностите на Вагнер“.