Северна Македонија e на 22. место во светот по производство на вино за 2022 година и e рангирана во првите 15 држави на скалата по девизен прилив пресметан во долари, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, повикувајќи се на податоците од Меѓународната организација за вино (OIV) и од World Top Export.
Како што истакна Николовски по посетата на винаријата Камник, квалитетот на македонското вино е зголемен, има многу нови брендови, а расте и извозот на вино во шишиња.
Министерот го најави и донесувањето на новата десетгодишна стратегија за, како што потенцира, уште поголем развој на винскиот сектор.
-Ова се одлични резултати за една мала земја како нашата која се натпреварува со далеку поголеми држави. Ние во 2022 сме оствариле девизен прилив во вредност од скоро 60 милиони долари. Нашата анализа покажа дека низ годините наназад ние сме успеале да го одржиме производството и површините со лозови насади, а при тоа да ја зголемиме вредноста на извезеното вино. За пример, во 2021 и 2022 сме извезле отприлика иста количина вино но, во 2021 имаме околу 50 милиони евра а во 2022 околу 60 милиони девизен прилив, значи 10 милиони евра повеќе за една година. Ова се должи на зголемениот квалитет на виното и зголемениот извоз на вино во шишиња, како и на многуте нови брендови кои ги освојуваат странските пазари. И во тој правец треба да продолжиме, да го зголемуваме квалиетот на произведено винско грозје за да имаме уште поквалитетни вина, рече министерот.
Тој напомена и дека во изминатите седум години, од 2016-та до 2022-ра, за лозарите и винариите се исплатени околу 90 милиони евра по разни основи, а само во една година две третини од овој износ се вратени назад во буџетската каса.
-Ова доволно зборува зошто посветуваме посебно внимание токму на овој сектор и ги опрадува сите пари кои сме ги исплатиле кон лозарите и винариите низ годиниве наназад. Искрено им благодарам и на сите наши лозари и на сите наши винарии, големи и мали, кои силно придонесуваат за раст на домашната економија и со поддршката од мерките и политиките на министерството заедно испишавме историја во винскиот сектор. Македонското вино е нешто со што се гордееме. Најдобар промотер на нашата земја, најгласниот и најдиректниот маркетинг за нашата земја. Јасно и силно го рефлектира успехот на нашата стратегијата, со што винскиот сектор доживеа револуционерен развој. Ние денеска зборуваме за над 200 винарии, а само пред неколку години беа триесетина. Ние денеска не сме невидливи во тој глобален вински свет, напротив, силно зрачиме и секој кој следи вински параметри, се почесто ќе го чита името на Северна Македонија, нагласи Николовски.
Министерот очекува да се изгласа и новиот закон за вино кој, рече, е целосно усогласен со директивите на ЕУ.