Кога лидерите на ЕУ се состанаа во грчкото одморалиште Порто Карас во јуни 2003 година, тие имаа големи планови за Западен Балкан. Во завршниот документ од состанокот безусловно беше поддржано пристапувањето на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, (Северна) Македонија, Црна Гора и Србија. Сепак, ова ветување не е исполнето до ден денес – 20 години подоцна.
Во исто време, донесена е историска одлука официјално да се поканат Украина и Молдавија како кандидати за членство во ЕУ.
Расправии меѓу соседите
Една од причините зошто пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ е толку бавно е тоа што соседните земји, кои веќе се дел од Унијата, постојано користат билатерални прашања за да го попречат процесот на пристапување. Бугарија го доведува во прашање македонскиот јазик и инсистира на споменување на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија. А пред тоа Грција по повеќедецениска блокада наметна промена на името Македонија – да се вика Северна Македонија, за да се разликува од грчката провинција Македонија.
Хрватска, исто така, се обидува да ги реши своите билатерални проблеми со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, користејќи го статусот на членство, што и дозволува да објавува закани со вето.
Поддршката за ЕУ драстично паѓа
Долгото одложување на приближувањето кон ЕУ остава длабоки траги, особено во Србија – најголемата и стратешки највајважната земја во регионот. Истражување од летото 2023 година покажа дека само 44 отсто од Србите го поддржуваат пристапувањето на земјата во ЕУ, а 47 отсто се против. Друго истражување од јуни 2023 година покажа дека само 23 отсто од Србите го поддржале барањето на Брисел нивната земја, како кандидат за членство во ЕУ, да се приклучи кон санкциите против Русија. 42 отсто, пак, велат дека нивната земја треба да се стреми кон добри односи со Русија, дури и ако тоа го оневозможува европското членство.
Минатата година германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон направија голем чекор напред во името на компромисот во деценискиот спор меѓу Србија и нејзината поранешна покраина Косово. Европската комисија исто така ја користи сета своја политичка тежина за да посредува меѓу двете страни. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, по преговорите дури рече: „Имаме договор“. Но, се покажа дека е токму спротивното – конфликтот меѓу двете страни ескалира и постои закана од оружени судири.
Дефицит на демократија и реформи
Две децении подоцна, потребата од реформи во земјите од Западен Балкан сè уште важи. Цензурирани и централизирани медиуми, инструментализирана правда, уништување на независни државни институции, корупција од драматични размери и организиран криминал. И во тој контекст: како би можела ЕУ да се спротивстави на овие неправилности, ако во сопствените редови има обиди да се замолчат медиумите, правдата и опозицијата, како што е случајот, на пример, со Полска и Унгарија?
Не е случајно што унгарскиот премиер Виктор Орбан го избра Западен Балкан и особено Србија за партнери. Семоќниот српски претседател Александар Вучиќ не крие до кој степен му се восхитува на стилот на владеење на унгарскиот премиер Орбан. Двајцата лидери одржуваат исклучително блиски контакти во последните две години. Вучиќ очекува Унгарија да помогне да се намали притисокот од Брисел за реформи во правосудството. Орбан, пак, очекува Србија да му помогне да стане клучен играч во регионот.
Постојаното приближување на земјите од Западен Балкан кон Брисел се заменува со конференции и иницијативи со најразлични имиња – како што е годишниот состанок на „Берлинскиот процес“ или „Пријатели на Западен Балкан“ на иницијатива на Австрија.
(Томас Брај – Дојче веле на бугарски јазик)