Поради пожарот што утринава избувна во затвор во американската држава Тексас, евакуирани се повеќе од 650 затвореници, но нема повредени, соопштија властите.
Затворениците беа преместени во други делови од затворот во Хантсвил, околу 105 километри северно од Хјустон, изјави Аманда Хернандез, портпаролка на Одделот за кривични санкции во Тексас.
Пријавено е дека пожарот ги зафатил третиот кат од управната зграда и поткровјето на одделението во кое се сместени затворениците.
Пожарот бил локализиран во текот на утрото, но пожарникарите „сè уште гаснат мали пожари во некои области“, рече шефот на противпожарната служба Хантсвил.
Причината за пожарот ќе биде истражена откако ќе биде целосно изгаснат, рече Хернандез.
Затворот Хантсвил стар 174 години е изграден во 1849 година и има капацитет за 1.700 затвореници, додека во моментов казната ја отслужуваат околу 1.600 луѓе.
Во затворот се извршуваат смртни казни за осудените затвореници.