Авторката Ирена Павлова Де Одорико, којашто живее и твори во Италија, е годинешниот добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за иселеништво.
Наградата е доделена со одлуката од жири-комисијата на „Струшките вечери на поезијата“, во состав Славе Ѓорго Димовски, Драгана Евтимова и Митко Гогов, а ѝ е доделена за поемата „Светец“.
– Поемата „Светец“ е специфична за целокупното творештво на Де Одорико, бидејќи за првпат се одлучува да пишува преку машки фиктивен лик, така наречен Петкамен Петко, кој е создаден од страна на народот, лик-гласник што носи утеха за подобри времиња и предизвикува духовен интерес, хуманост, љубезност и ги учи луѓето на љубов и емпатија. (Претходите ликови во сите нејзини книги се познати женски ликови, како на пример Силвија Плат и други.). Името го добил токму од играта што се игра со пет камчиња и која многу сакал да ја игра и по која го добил прекарот: Петкамен Петко. Бидејќи потекнува од мало место, одлучува да шета низ светот, неговите откритија за човекот и светот длабоко го разочаруваат, но не се откажува од својата мисија. На тој начин, неговиот лик добива функција на месија, односно духовник и помошник на народот. Содржината на книгата совршено се вклопува со корицата на книгата, на која илустративно се откриваат почетните четири букви СВЕТ, а внатре во зборот СВЕТ се наоѓа зборот СВЕТЕЦ, човек што стои на бесилка, но на главата има ореол – рече Драгана Евтимова, дел од жири-комисијата.
Ирена Павлова Де Одорико е македонска писателка, поет, новинар, која моментално живее и работи во Италија, каде што неуморно ја претставува македонската култура и литература. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2001 година. Нејзините песни се застапени во многу македонски и светски антологии.
– Ви се заблагодарувам на оваа престижна награда.,,Светец“ или Петкамен Петко е секој од нас, оној што ќе ја изоди голготата и ќе воскресне по патот на една вистинска свесност.
Петко е сиромашен, битник, неосвестен светец, глас на народот во мене, мноштвото, кое обратно, од индивидуализација,по Јунг,патува низ него, Кин комплетна самосвест, низ афрадануе, до светлината – изјави Де Одорико.
За време на доделувањето на наградата, директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, додели благодарница на „Струшки вечери на поезијата“ за 15-годишната соработка.