Пожарот над Ајватовци е активен и делумно под контрола. На најмалку два крака се уште има силен оган, со кој се зафатени дрвја и зимзелена шума. Пожарникарите ќе се обидат во наредниот период да го сопрат, изјави вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Доколку пожарот не биде ставен под контрола, тој најави дека утре ќе се интервенира со полициски хеликоптери и со авиони на Дирекцијата за заштита и спасување.
Претходно градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски изјави дека пожарот уште е опасен и оти состојбата ќе се следи во текот на ноќта.
-Попладне на територијата на Општина Илинден во атарот на месностите Ајватовци, Мршинци, Бучинци, Бујковци, како и на соседната општина Арачиново, избувна тежок пожар кој зафати над 100 хектари шума, претежно борова, а проценките се дека 20 до 30 ектари е изгорена. Имаше критични ситуации кога беше загрозен манастирот во Ајватовци и селото Ајватовци. Благодарение пред се на граѓаните кои дојдоа, на пожарникарите, на ЦУК, ДЗС кои заедно со хеликоптерите помогнаа во гаснењето на овој пожар, колку-толку се локализираше, рече градоначалникот на Илинден.
Според ЦУК, попладнето избувнале пожари и кај село Умово на територија на Општина Студеничани, и кај село Рашче во Општина Сарај, а изгаснат е пожарот во опшините Чешиново-Облешево и Пробиштип.