За ценовните бранувања притисокот доѓаа од трговците, а не од производителите

Нема да се толерира ниту еден обид за спроведување одлуки кои се на штета на граѓаните, го повтори владиниот став во однос на поскапувањата сегашни и во најава, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи. За заштита на граѓаните, доколку ситуацијата го налага тоа повторно можно е на сцена да се вратат мерки како замрзнување на цените и слични, но се што во законските рамки, посочи вицепремиерот за последните случувања со цените.

-Зад зголемувањето на цените на млечните производи не стојат производителите, туку тоа го прават под притисок на трговците, рече Битиќи, додавајќи дека нема економска логика, но кај нас не владеат добрите трговски практики.

За ценовните бранувања Битиќи посочи дека одредени трговски ланци се однесуваат нефер и неетички, но не сакаше да ги именува.

-Во овој момент не би сакал да кажувам имиња, штом ги добиеме, ќе бидат кажани. Јас не можам да останам нем на нефер практики во трговијата, а особено на практики кои одат на штета на моите сограѓани и на мене. Се додека сум на оваа позиција нема да останам нем, дециден е Битиќи.

За поскапувањето на лебот потсети дека преработувачите веќе рекоа дека нема услови за зголемување на цените на основните прехранбени производи, затоа што сите параметри укажуваат на тоа дека има пад на суровините на прехранбените производи.

Треба да знаете
Последни објави