Зеленски: Подготвени сме да преговараме за решение за Крим

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека би било можно да се преговара за решение за Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година, наместо да се користи сила.

„Кога ќе бидеме на административните граници на Крим, мислам дека ќе биде можно политички да ја принудиме Русија да се демилитаризира на територијата на полуостровот“, рече Зеленски во вчерашното интервју, кое утрово го пренесоа неколку украински медиуми.

Киев се бори против сеопфатна инвазија на Русија и повеќе пати ја објави својата намера да го врати Крим, како и сите територии окупирани од почетокот на војната во февруари 2022 година. Украинските војници на југот на земјата постепено напредуваат кон брегот на Црното Море, во обид да ја прекинат руската рута за снабдување.

Зеленски рече дека политичкото решение за Крим би било подобро бидејќи тоа би значело помалку жртви. Украинскиот претседател нагласи дека не сака војната да се префрли на руска територија. Тој истакна дека целта е да се ослободи територијата на Украина и оти напредувањето на руска територија би ризикувало да ја изгуби клучната поддршка од Западот.

Руските пропагандисти и поддржувачи на војната постојано предупредуваат дека ако Русија биде поразена во војната, таа може да биде поделена и окупирана од странски сили. Украина нема преземено никакви големи офанзиви на руска територија со цел трајно да ги окупира тие области.

Треба да знаете
Последни објави