Православните христијани денеска го слават Успението на Пресвета Богородица или меѓу народот позната како Голема Богородица. Празникот Голема Богородица е еден од дванаесетте најголеми христијански празници. Богородица, мајката на Исус Христос, се смета за заштитничка на градот Скопје.
Од утрово е раздвижено во православните храмови, а во Скопје најпосетена е црквата Рождество на Пресвета Богородица во центарот на градот која меѓу граѓаните е позната и како Света Богородица.
Објективот на „24 инфо“ забележа како се слави токму во овој македонски православен храм. Граѓаните пристигнуваат си го честитаат празникот, си поскауваат здравје и среќа, се причестуваат, палат свеќи… и заминуваат во своите домови каде во кругот на најблиските продолжуваат со одблежувњето на празникот.
Голема Богородица е значаен христијански празник, не само кај православните, туку и кај католиците и протестантите, а посветен на смртта на Марија, мајката на Исус Христос.
Христијаните веруваат дека, како и Исус, и Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото, како со душата така и со телото. Оттаму и називот успение, што значи искачување. Овој ден се празнува на 28-ти август по стариот календар, или 15-ти август по новиот календар.
Црквата нѐ учи дека Марија, мајката на Исус, завршувајќи го текот на земниот живот на најсвет начин, била преземена со тело и душа во небесна слава. Ова е утврдено учење во сите христијански цркви, вклучувајќи ја православната, католичката, источата и коптската. Сите го слават денот на успението на 15-ти август. Кај православните цркви кои го користат Јулијанскиот календар, оваа дата паѓа на 28-ти август, а на празникот му претходи 14-дневен пост.