Прославата за рударите од Крива Паланка и Пробиштип ја организира Минстрој холдинг – Булмак 2016, концесионери на рудниците Тораница и Злетово, каде заедно работат околу 800 рудари.
„Со залагање за одржливи практики и инвестиции во технолошкиот развој, Минстрој холдинг и Булмак 2016 придонесуваат за побезбеден начин за ископ на ресурси, грижејќи се за животната средина преку имплементација на технологии кои ги намалуваат емисиите на јаглерод, практики кои ги минимализираат количините на отпад и секако активности кои се во насока на обновување и одржување на еко-системите. Владата поради тоа во овие компании препознава општествено одговорни партнери кои поставуваат стандарди во рударскиот сектор. Со вакви партнери, општините Крива Паланка и Пробиштип секако добиваат можност за по соодветен развој и подобри услови за работа на граѓаните“, рече Шукова.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски им го честиташе Денот на рударите посакувајќи во добро здравје секогаш да го слават сите работници во рударскиот сектор.
„Рударството во Крива Паланка е традиција, а Тораница е еден од најголемите работодавачи во општината. Денес кога компанијата Булмак 2016 им оддава признанија за нивната макотрпна, но достоинствена и чесна професија, морам да истакнам дека рударството придонесува кон целокупното индустриско производство и директно влијае на локалниот и економски развој, како и на економската моќ на над 350 фамилии од Крива Паланка. Нашите заложби како локална власт, во координација со надлежните министерства и со концесионерите, секогаш ќе биде да се сочуваат и ценат соодветно вашиот труд и достоинство, рече Митовски.
Николај Влканов, сопственик на Минстрој холдинг и претседател на бордот на директори најави дека и вложувањата во поголеми плати и во подобри услови нема да запрат, бидејќи за овие седум години, како што рече, од речиси уништени рудници, Тораница и Злетово денес се едни од најдобрите рудници во Европа.
За овој период од 2016 до 2023 година, вложивме многу, инвестиравме во механизација и ги зголемивме платите од 780 евра, на 1.100 евра месечна плата за рударите, а благодарение на вашиот труд од 1.000-1.100 тона на месечно ниво експлоатација на руда, постигнуваме и до 2.700 тона месечно. И се тоа благодарение на вашата макотрпна деноноќна работа во „под земјата“. За овие 5 години во државата оставивме 87 милиони евра за: даноци, концесии, плати, данок на добивка. Многу малку фирми во државата можат да ја кажат таа цифра. Зголемување на платите направивме во време на глобална рецесија, кога цените на металите се многу ниски, пример, цинкот и оловото од 3.500 долари сега имаат пазарна цена 2.300. Но, она што го кажав, инвестирањето и вложување во повисоки плати нема да запре“, рече Влканов.
Директорот на Тораница, Христијан Ивановски, рече дека Тораница постигнува одлична месечна експлоатација, просек 2,5 тона, започнува експлоатација на т.н хоризонт 300, а до крајот на 2023 година се очекува дозвола и за локацијата „Сокол“ што е продолжение на Тораница.
„Во тек е изградба на нова депонија за рудничка јаловина во Тораница. Ќе се гради хидро-јаловиште што ќе ја заштити општината долгорочно, а радува фактот што испитувањата покажаа капацитет од четири милиони тони руда на олово и цинк во Злетово и пет милиони тони во Тораница, со што се проценува дека животниот векот на рудниците е 15-20 години. Минстрој ја обнови комплетно механизацијата, флотациските машини, така што денес може со гордост да ја претставиме работата. Честит ден на рударите, среќно! рече Ивановски.
На настанот на кој беа доделени признанија и благодарници за најдобрите работници од двата рудника, присуствуваа бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, бројни министри во Владата и претставници на концесионерот Минстрој холдинг, Бугарија.