Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се сретна со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во земјава, Метју Лосон.
На состанокот е изразена силна поддршка од Обединетото Кралство за натамошен развој на нашата земја, согласно државните стратешки интеграциски цели.
Констатирано е дека граѓаните на Северна Македонија имаат конкретна можност, појасна од кога било, за унапредување на квалитетот на живот, а државата за економски напредок и дека ваквите околности бараат политичка храброст и зрелост во одлучувањето за натамошните чекори.
Оценето е дека Република Северна Македонија е значаен фактор на стабилноста и безбедноста во Западен Балкан, како и во поширок геостратешки контекст и е истакната важноста од натамошен придонес на земјава во безбедносниот контекст.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за традиционалното, долгогодишно и искрено пријателство помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, што се одразува со поддршка за сите клучни процеси од значење за демократскиот и економскиот развој на Република Северна Македонија.