Министерството за надворешни работи во неколку наврати веќе ја информираше јавноста дека изборот за изведувач при адаптацијата на салата Борис Трајковски за потребите нa Министерскиот состанок на ОБСЕ е направен според критериумот најниска цена.
Со оглед на пристигнатите понуди, Министерството имаше обврска да ја одбере најевтината понуда, и од четирите понудувачи, избраната компанија имаше далеку најконкурентна понудена цена согласно очекуваните количини предвидени во техничката спецификација, односно:
Еуровиа – 93.746.070 ден. (избран понудувач)
Второрангирана – 120.668.981 ден.
Треторангирана – 134.015.461 ден.
Четврторангирана – 374.353.297 ден.
Целта на постојаните шпекулации е очигледна: прво да се фрли дамка врз најголемиот надворешно политички настан во земјава од нејзиното осамостојување – Министерскиот состанок на ОБСЕ во декември, кога се очекува во земјава да пристигнат десетици високи делегации од целиот свет, предводени од Министрите за надворешни работи на земјите – учеснички во ОБСЕ; и второ, да се фрли дамка врз Претседавањето на земјава со Организацијата, процес кој и дома, но и во меѓународната дипломатија, е оценет како многу успешен.
Оваа борба за ситни политички поени од страна на раководството на ВМРО-ДПМНЕ нанесува голема штета на угледот на земјава, особено на дипломатијата, која во моментов е соочена со бројни предизвици и активности кои се од интерес на сите нејзини граѓани.
Уште еднаш посочуваме дека сме отворени за сите институции од интерес да остварат увид во документацијата и уште еднаш да ги ревидираат сите активности во рамките на постапката со цел да се отфрлат сите можности за шпекулации околу нејзината исправност.