Во Словенија расте водостојот на реките, се стравува од поплави и одрони, дел од граѓаните се евакуирани

Водостојот на реките во Словенија продолжува да расте, особено во северните и источните делови на земјата. Водостојот се зголемува и во оние речни сливови кои беа погодени од претходните поплави. Агенцијата за животна средина на Република Словенија (Арсо) издаде портокалово предупредување за целата земја, освен за северозападниот дел кој е обоен во жолта боја.

Одредени помали реки во централниот дел на земјата веќе би можеле ненадејно да се издигнат во текот на ноќта. Поради променетите услови за одводнување по последните поплави на делниците каде што се сменети речните текови и корита, како и места каде се уште има наноси од одрони, дождовницата ќе тече поинаку од вообичаено.

Геолошкиот завод на Словенија предупредува на зголемен ризик од реактивирање на свлечишта во областите каде што тие беа активирани за време на неодамнешната катастрофа, пишува Дело. Невреме со обилни врнежи од дожд и ветер веќе вчера правеше проблеми. Во општина Копер силен ветер го оштети покривот на основното училиште Шмарје и покриената трибина на стадионот Бонифика.

Во главниот град водата поплави неколку подруми и патишта, а некои возачи мораа да бидат спасени од поплавените подвозници. Мештаните се особено загрижени поради лизгање на земјиштето. Во областа Шкофјело превентивно се евакуирани дел од граѓаните.

Командантот на словенечката цивилна заштита Сречко Шестан повтори дека припадниците на цивилната одбрана се на готовност. Иако прогнозата за денеска е подобра, тој им препорача на граѓаните да бидат внимателни.

Треба да знаете
Последни објави