“Повеќе интеграција пред европското членство за борба против евроскептицизмот и малигните влијанија”
На маргини на Бледскиот стратешки форум, денес, министерот за надворешни работи Бујар Османи учествуваше на работен појадок организиран од страна на министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, заедно со министрите за надворешни работи на Косово, Доника Грвала Шварц, на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, на Хрватска, Гордан Грлиќ Радмн и заменик министерката за надворешни работи на Албанија, Меги фино. Покрај шефовите на дипломатијата од државите на Западен Балкан на состанок учествуваа и специјалните претставници за Западен Балкан на Словенија, Анжеј Франгеш, на Норвешка, Арне Санес Бјорнштад, на Велика Британија, лорд Стјуарт Пич и на Австрија, Јоханес Ајгнер.
Евроинтеграцијата на земјите од регионот како нивна стратешка определба и надворешно политичка цел беше главна тема на разговор, при што Османи нагласи дека покрај јасна временска рамка за следното проширување на Унијата, концептот на забрзана интеграција на регионот пред членството ќе донесе поголема предвидливост, стабилност и ќе го зајакне кредибилитетот на политиката за проширување.
“Со нетрпение ги очекуваме предлозите за конкретна операционализација на овој нов концепт, кој според нас би бил од клучно значење за надминување на разликите и забрзување на процесот на целосна интеграција во ЕУ. Во исто време, овој пристап би имал значително позитивно влијание врз клучните предизвици со кои се соочуваме денес: растечки евроскептицизам и намалување на влијанието на малигните активности на трети актери кои имаат за цел да ги поткопаат демократските институции и да ја дестабилизираат земјата и регионот”, рече Османи.
Министерот ги брифираше соговорниците за актуелните состојби во земјава, заложбите во рамки на регионалната соработка и пошироко, како во рамки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Организацијата за безбедност и соработка на Европа, со кои земјата претседава, така и во рамки на НАТО Алијансата.