Претприемачот и економист Стефанос Каселакис е новиот кандидат за лидер на грчката Сириза, на внатрепартиските избори што ќе се одржат на 10 септември.
Тој тоа го потврди на социјалните мрежи во објава во која истакна дека му се восхитува на поранешниот лидер на партијата, Алексис Ципрас, и сака Сириза да има лидер кој може да го победи Киријакос Мицотакис на изборите и да стане водечка грчка партија повторно. Рече дека сака да ја оживее државата, и дека е геј.
„Мојата кандидатура е радикална, како и мојот живот. Време е Сириза повторно да стане победник. Време е да дејствува модерната левица. Време е секој граѓанин да биде горд“, напиша тој, пренесува „Катимерини“.
Засега фаворит за победа на внатрепартиските избори е Ефи Ахчиоглу, која верува дека може да победи.
Покрај неа, кандидати се и Еуклид Цакалотос, Никос Папас, Павлос Полакис.
Претходниот лидер на Сириза, Алексис Ципрас, поднесе оставка од функцијата лидер на партијата на крајот на јуни, откако неговата партија освои само 18 отсто од гласовите на општите избори.