Косовската претседателка Вјоса Османи порача дека евентуална одлука за укинување на визите за косовските граѓани од 1 јануари 2024 година ќе го уништи дијалогот меѓу Косово и Србија. Османи реагираше на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој завчера рече дека неговата земја ќе ги преразгледа преземените обврски во однос на економските прашања и визната политика за Косово и Србија, „доколку тие се однесуваат одговорно“.
-Би рекла дека ова е начин да се убие дијалогот еднаш засекогаш. Ако некој сака да го запре дијалогот, тогаш нека преземе такви мерки, кои се казнени мерки против народот на Косово. Овие мерки не се против ниту еден лидер, тие не се против политиката, тие се против народот на Косово, рече таа за време на посетата на споменикот на исчезнатите во Приштина.
Според Османи ваков чекор ќе биде казна без преседан, која ќе биде голема неправда за народот на Косово и која ќе резултира со смрт на дијалогот.
Никој нема мандат да оди во Брисел, кога се казнува народот на Косово, потенцираше Османи.
Косовската претседателка истакна дека на 1 септември ќе бидат подготвени упатства за одржување вонредни избори во четири општини на северот на Косово, штом се создадат законски услови за одржување избори во општините Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
Претседателката на Косово очекува на следната средба на високо ниво меѓу Косово и Србија „Европската Унија ќе утврди дека нејзините барања се исполнети и со тоа условите за укинување на мерките против Косово кои се неправедни“.
Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, најави можност во септември да се одржи средба меѓу премиерот Албин Курти и претседателот Александар Вучиќ.