Претседателот на Српското движење за обнова (СПО) и поранешен шеф на дипломатијата Вук Драшковиќ денеска изјави дека предлог резолуцијата на Движењето на социјалистите на шефот на БИА Александар Вулин за пристапување на Србија во БРИКС е глупост што не треба ни да се разгледува.
-Таа резолуција е глупост што не треба ни да се разгледува. Од основањето до денес, СПО е за Србија во Европа и Европа во Србија. Тоа е единствениот разумен пат, изјави Драшковиќ за агенцијата Бета.
Тој нагласи дека подносителот на резолуцијата е „фанатичен“ претставник на политиката на Слободан Милошевиќ и Мирјана Марковиќ во „страшните“ деведесетти години на минатиот век, „а денес тој е најлојалниот човек во Србија на режимот во Кремљ. “
-Со поднесувањето на оваа луда резолуција, тој ја користи трагичната вистина дека денес за огромното мнозинство Срби во Србија, Република Српска и Црна Гора, земјите од НАТО алијансата и Европската унија, целиот „колективен Запад“ се непријатели на Српскиот народ, а пријатели и заштитници на Србите се Русија, Кина, Северна Кореја, Иран, Сирија, Венецуела, африканските диктатури под команда на Вагнер, рече Драшковиќ.
Тој додаде дека предлогот на шефот на Безбедносно информативната агенција, Александар Вулин, е последица на долгогодишната „хипнотизација“ на Србите од кампањата и делувањето на УДБА, СПЦ, многу академици и членови на т.н. национална елита и речиси сите медиуми.
-Официјално Србија е „на пат кон членство во ЕУ“. На пат, без патување. ЕУ и Западот се користат како банкомат за инвестиции и донации, а се води пропагандна војна против ЕУ и Западот, уште пожестока и попримитивна од агресорската хунта во Кремљ, оцени Драшковиќ.
На 28 август пратениците на Социјалистичкото движење, партијата основана од Александар Вулин, поднесоа предлог резолуција за приклучување на Србија кон БРИКС.